УТРО.мк

Хрватска ги заострува правилата на границите

Хрватска ги заострува правилата на границите
Vero

Хрватска почна целосна примена на новите европски правила за внесување стока преку патен и железнички сообраќај, кои најмногу се однесуваат на превозниците, компаниите, но и на патниците од земји надвор од Европската унија, меѓу кои и Македонија.

Патниците не се обврзани да поднесуваат скратена царинска декларација за личниот багаж, но мора да ги почитуваат пропишаните вредносни лимити за ослободување од царина и ДДВ. Лимитот изнесува 430 евра за патници во авионски и поморски сообраќај, 300 евра за патен и железнички сообраќај и 150 евра за патници помлади од 15 години.

Според новите правила, превозниците и компаниите кои влегуваат во Хрватска, како влезна точка во ЕУ, се должни да поднесат скратена влезна декларација пред пристигнување на границата. Во патниот транспорт тоа мора да се направи најмалку еден час пред пристигнување, додека во железничкиот сообраќај рокот е еден до два часа, во зависност од должината на патувањето. Обврската за поднесување декларација ја имаат превозниците, но таа може да биде исполнета и од примачот на стоката или овластен претставник со EORI број.

Патниците од земји надвор од ЕУ, вклучително и Македонија, не смеат да внесуваат месо, млеко и производи од животинско потекло. Дозволени се ограничени количини од одредени производи како мед, јајца, храна за бебиња и специјална храна за миленици, доколку се наменети за лична употреба.

За полнолетни патници во патен сообраќај важат и ограничувања за акцизни стоки. Дозволено е внесување до 40 цигари, еден литар жесток алкохол или до два литра пијалаци со помал процент на алкохол, како и ограничени количини вино и пиво.

Ослободувањата за тутун и алкохол не важат за лица помлади од 17 години.

Храна како леб, бисквити, чоколадо, тестенини и слични производи може да се внесува без посебни ограничувања, доколку е за лична употреба и ги исполнува пропишаните услови.

Надминувањето на дозволените количини бара ветеринарна проверка и соодветна документација, додека непријавените производи може да бидат одземени, а патниците да се соочат со парични казни.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран