
Двајца државјани на Србија, за кои се сомнева дека се дел од озлогласената криминална група „Пинк Пантер“, стојат зад вооружен грабеж на златарница на Халкидики, во кој бил украден накит вреден околу 580.000 евра, пренесуваат регионалните медиуми.
Според информациите, грабежот се случил во септември минатата година, во златарница сместена во хотелски комплекс на популарната грчка туристичка дестинација.
Осомничените дејствувале брзо и организирано, користејќи методи карактеристични за оваа меѓународна криминална мрежа.
По повеќемесечна истрага, грчката полиција, во соработка со меѓународни безбедносни служби, успеала да ги идентификува и поврзе осомничените со кражбата. Дел од украдениот накит, според неофицијални информации, сè уште не е пронајден.



























