Етиопија се подготвува да го отвори најголемиот авијациски центар на африканскиот континент, а изградбата на Меѓународниот аеродром Бишофт веќе привлекува внимание на целиот свет. Дизајниран од британското студио „Заха Хадид архитектс“, аеродромот е вистинска архитектонска и инженерска сензација, вредна 12,5 милијарди долари.
Локацијата е само 40 километри јужно од Адис Абеба, а проектот ветува драстично зголемување на капацитетот – четири пати повеќе од сегашниот главен аеродром на земјата. Првата фаза предвидува отворање на терминал од 660.000 квадратни метри и две писти, со можност за пречек на 60 милиони патници годишно. По целосното завршување на комплексот, се очекува бројот на патници да достигне импресивни 110 милиони.
Аеродромот ќе располага со четири писти и паркинг за 270 авиони, распоредени околу централниот ’рбет на комплексот. Архитектите се инспирирале од Големата Раседна Долина – географска бразда долга околу 6.000 километри, од Бека во Либан до Мозамбик. Овој уникатен распоред ја оптимизира логистиката, скратувајќи време и растојание помеѓу терминалите. Секоја писта ќе носи посебна палета на бои и уметнички мотиви инспирирани од етиопските пејзажи.
Покрај импресивниот дизајн, аеродромот се фокусира на одржливост. Природната вентилација, мрежата од соларни панели кои делумно го снабдуваат комплексот со енергија и системот за управување со атмосферските води ја потврдуваат зелената визија на проектот. Според планот, аеродромот ќе функционира како вистински „аеродромски град“, со хотел, ресторани, зелени површини со автохтони растенија и брза железничка линија која ќе го поврзува со аеродромот Боле во Адис Абеба.
Проектот веќе доби престижно внимание во светот на архитектурата – Меѓународниот аеродром Глефу во Бутан, сличен во концептот, неодамна беше прогласен за „Иден проект на годината“ на Светскиот фестивал на архитектура. Според порталот „Дизин“, Бишофт ќе се стреми кон ЛЕЕД Голд сертификат, второто највисоко ниво на еколошки сертификат од Советот за зелена градба на САД, што го прави не само најголем, туку и еден од најзелени аеродромите во светот.























