
Антивладините протести што избувнаа во Иран на 28 декември 2025 година влегоа во втората недела, а болниците во големите градови се преполни со повредени граѓани, јавуваат ББС и меѓународни медиуми, цитирајќи медицински лица на терен.
Лекари од неколку клиники, вклучително и болницата „Фараби“ во Техеран, изјавиле дека се соочуваат со голем прилив на повредени демонстранти, што резултирало со привремено прекинување на сите неитни третмани и мобилизација на цел медицински персонал за справување со итни случаи. Некои од повредените имаат прострелни рани во главата и очите, што дополнително го отежнува третманот.
Протестите, кои стартуваа како реакција на длабока економска криза и незадоволство од режимот, прераснаа во широки антивладински демонстрации низ сите 31 провинции. Според извештаи од болници и активистички организации, само во неколку здравствени установи во Техеран биле регистрирани десетици загинати и стотици повредени лица со живо зрно и други сериозни повреди, додека точниот број на жртви и натаму е тешко да се потврди поради целосниот интернет и телефонски прекин во земјата.
Иранските власти ги обвинуваат демонстрантите за „вандализам“ и ги предупредија на строги последици, додека меѓународните лидери реагираат со повици за воздржаност и почитување на правото на мирен протест.



























