
Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на блокада на Ормутскиот теснец, по неуспешните разговори меѓу САД и Иран одржани во Исламабад.
Во објави на својата платформа Truth Social, Трамп наведе дека преговорите донеле делумен напредок, но дека клучното прашање – нуклеарната програма на Иран – останало нерешено.
Тој порача дека американската морнарица ќе започне активности за ограничување на движењето на бродови во регионот, најавувајќи и контроли на пловила кои, според неговите тврдења, имаат врски со Иран.
Во своите пораки, Трамп ја обвини Техеран за „меѓународна уцена“ и нагласи дека нема да биде дозволено економско или безбедносно влијание преку стратешкиот воден пат.
Тој исто така најави мерки насочени кон отстранување на мини во регионот, тврдејќи дека тие претставуваат закана за меѓународната пловидба, како и построг одговор доколку дојде до напади врз американски или сојузнички бродови.
Во истите објави, Трамп изнесе и остри тврдења за состојбата на иранските вооружени сили, наведувајќи дека земјата сериозно ги изгубила своите воени капацитети како последица на нуклеарните амбиции.
Иран засега не реагираше официјално на најновите изјави, а најавите за блокада дополнително ги зголемуваат тензиите во веќе нестабилниот регион на Персискиот Залив.























