
Претседателот на САД Доналд Трамп најави дека ќе воведе нови американски царини за земјите кои испорачуваат нафта на Куба, во обид да го засили притисокот врз комунистичкиот режим на островот.
Во потег што ја прогласува националната безбедност за загрозена, Трамп потпиша извршна наредба со која се воспоставува механизам за воведување тарифи на стоки од трети земји што тргуваат со кубанската нафта. Белата куќа појасни дека целта на наредбата е да ги заштити интересите и надворешната политика на САД од „злонамерните дејствија“ на кубанскиот режим.
Иако висината на царините и конкретните земји засегнати од мерките сè уште не се соопштени, наредбата дава овластување на државниот секретар и секретарот за трговија да донесат сите потребни правила и упатства за спроведување на новиот систем. Претседателот, исто така, може да ја менува наредбата доколку Куба или засегнатите земји преземат „значајни чекори“ за справување со заканата кон американската национална безбедност.



























