
И покрај речиси целосното исклучување на интернетот, видеа од Иран продолжуваат да се појавуваат — најверојатно преку Starlink. Снимките покажуваат горечки згради и протести во главниот град. Според американското списание Time, бројот на загинати веќе надминал 200 лица.
Меѓу објектите кои гореат е и џамијата Ал-Расул на северозападот на градот. Во населбата Саадат Абад, демонстрантите скандираат „Смрт на Хаменеј“, додека околните згради гореат. Во Нармак се забележуваат пожар во станбени објекти, а на снимките се слушаат истрели и крици на луѓе.
Снимки од протести стигнуваат и од други градови како Машхад, Тебриз и Ком, јавува Associated Press. Во многу места, режимот реагира со живо оружје. Според организацијата за човекови права Iran Human Rights, стотици лица се ранети, а вистинскиот број на загинати можеби е значително поголем од претходно пријавените 51.
Time разговараше со еден лекар во Техеран кој тврди дека само во шест болници во главниот град загинале најмалку 217 демонстранти, најчесто од живи куршуми. Овие податоци сè уште не се независно потврдени.



























