
Според извештаите од терен изминатото денонокие, ирански дрон погодил воена локација во Кувајт, при што загинале шест американски војници, додека неколку други беспилотни летала погодиле објекти каде што биле распоредени американски сили.
Разузнавачки извори тврдат дека прецизноста на нападите покренува сомнежи дека Иран можеби располага со дополнителни разузнавачки податоци за позициите на американските единици.
Еден од изворите изјавил дека ваквата ситуација „покажува дека Русија и натаму има силни врски со Иран“.
Во изминатите години, Иран и Русија значително ја продлабочија воената соработка.
Иран ѝ испорача на Москва дронови „Шахед“, кои Русија ги користеше во војната во Украина.
Сега, според дел од аналитичарите, постои можност Москва да возвраќа со разузнавачка поддршка, иако овие тврдења официјално не се потврдени.
Кина под лупа на американските служби
Покрај Русија, американските извори тврдат дека Кина може да подготвува економска и воена поддршка за Иран.
Според извештаите, Пекинг би можел да му обезбеди на Техеран: Финансиска помош, резервни делови за воена опрема, компоненти за производство на ракети.
Неколку извори наведуваат дека Кина веќе претходно испорачала материјали со кои Иран можел да произведе стотици балистички ракети, како и напредни воени технологии.
Меѓу нив се споменуваат: Суперсонични противбродски ракети,
радарски системи способни да откриваат „стелт“ авиони, како и навигациски системи поврзани со кинеската сателитска мрежа BeiDou.
Некои безбедносни аналитичари предупредуваат дека тековниот конфликт може да стане реален тест за современите воени технологии.
Секој судир на терен им овозможува на воените сили да собираат податоци за тоа како нивните системи функционираат против напредни американски технологии, нешто што во мирнодопски услови е речиси невозможно да се тестира.
Дали светот се приближува кон поголем конфликт?
Иако официјални претставници во Вашингтон сметаат дека Русија и Кина засега не играат директна улога во конфликтот, дел од разузнавачките извори предупредуваат дека ситуацијата може брзо да се промени.























