
Куба стои цврсто против секоја можност за странска интервенција, порача кубанскиот претседател Мигеј Дијас-Канел, предупредувајќи дека САД би се соочиле со „непоколеблив отпор“ ако се обидат да ја преземат островската држава.
Неговата реакција доаѓа по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна тврдеше дека „ќе ја има честа да ја преземе Куба“. Дијас-Канел, во објава на социјалната мрежа „Икс“, го обвини Вашингтон за „јавни закани и економска војна“, која според него се одвива како „колективна казна против целиот народ“.
Под администрацијата на Трамп, САД го зајакна економскиот притисок врз Хавана, насочен кон прекин на приливот на странски средства и испораките на нафта, што според американскиот лидер, треба да ја доведе Куба „до работ на колапс“.
Ситуацијата стана уште понеповолна за Куба по неуспешната операција на САД во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро, кој долго време беше клучен сојузник и снабдувач на нафта за островската држава. Со губењето на овој партнер, Куба се соочува со сериозен недостиг на енергетски ресурси, што ја заострува веќе тешката економска криза, една од најголемите од времето на револуцијата предводена од Фидел Кастро во 1959 година.























