
Британскиот парламент усвои закон со кој практично се отвора патот кон „генерација без чад“. Мерката значи дека на лицата кои денес се на возраст од 17 години и помали, никогаш во животот нема да им биде дозволено легално да купат цигари во Обединетото Кралство, доколку се родени по 1 јануари 2009 година.
Со договорот меѓу Долниот дом и Домот на лордовите е финализиран Законот за тутун и електронски цигари, документ кој не само што ја затегнува контролата врз класичните цигари, туку отвора и нова ера на регулирање на никотинските производи. По добивањето кралска согласност, владата ќе добие проширени овластувања да интервенира во речиси секој аспект од продажбата и дизајнот на тутунските и е-цигарите: од ароми, до пакување и маркетинг.
Властите во Лондон ја претставуваат реформата како долгорочна инвестиција во јавното здравје. Според министерот за здравство и социјална грижа Вес Стритинг, суштината на пристапот е едноставна: наместо систем кој постојано се бори со последиците од пушењето, државата се обидува да го спречи проблемот уште пред да се појави. Тој оценува дека мерките ќе спасат животи и ќе го намалат товарот врз Националната здравствена служба.
Покрај ограничувањата за продажба, новата регулатива носи и значајни промени во секојдневната употреба на електронски цигари. Тие ќе бидат забранети во автомобили кога се присутни деца, како и во близина на училишта, болници и детски игралишта. Сепак, законот прави јасна разлика меѓу контрола и целосна забрана, е-цигарите остануваат дозволени на одредени јавни простори, вклучително и во близина на болници, со цел да се поддржи процесот на откажување од пушење.
Не се опфатени сите надворешни простори: градините на пабовите, плажите и приватните дворови остануваат надвор од новите рестрикции, а и натаму ќе биде дозволено користење во домовите.
Зад ваквите одлуки стојат и загрижувачки бројки. Само во Англија, пушењето годишно се поврзува со околу 400.000 хоспитализации и приближно 64.000 смртни случаи. Финансискиот притисок врз здравствениот систем се мери во милијарди фунти, додека пошироките економски последици, како изгубена продуктивност, се проценуваат на над 20 милијарди фунти годишно.
Идејата за генерациска забрана не е нова на светската сцена. Во последните години неколку држави експериментираа со слични модели. Нов Зеланд прв ја донесе ваквата мерка, но подоцна ја повлече по политичка промена и силни реакции од индустријата. Малдивите, пак, воведоа ограничување според година на раѓање, со што го продолжија глобалниот експеримент со „постепено исчезнување“ на пушењето.
Иако поддржувачите ја гледаат Велика Британија како следен голем чекор кон трајно намалување на пушењето, критичарите предупредуваат дека ваквите политики често се соочуваат со политички и индустриски отпор. Според податоците на британската статистика, повеќе од 5 милиони возрасни лица и понатаму пушат, што покажува дека предизвикот е далеку од завршен, дури и со најамбициозните закони досега.























