
Градските власти во Брисел донесоа одлука да го забранат изнајмувањето електрични тротинети од 2027 година, приклучувајќи им се на европските метрополи кои веќе воведоа слични ограничувања.
Мерката е резултат на зголемениот број сообраќајни несреќи, проблемите што ги создаваат непрописно паркираните тротинети, како и нивната злоупотреба за криминални активности.
Според официјалните податоци, во текот на 2025 година во Брисел биле повредени 666 лица во несреќи во кои учествувале електрични тротинети, што претставува пораст од повеќе од 25 проценти во споредба со претходната година.
Дополнителен проблем претставуваат тротинетите оставени на тротоари и велосипедски патеки, кои често го попречуваат движењето на пешаците и велосипедистите. Јавниот обвинител во Брисел, Жилиен Моанил, посочи дека изнајмените електрични тротинети минатата година биле користени и во 25 вооружени престрелки во белгиската престолнина.
Договорите со двете компании што во моментов нудат услуги за изнајмување електрични тротинети – „Болт“ и „Дот“ – истекуваат на крајот од оваа година и нема да бидат продолжени.
Брисел не е првиот европски град што се одлучува на ваков чекор. Претходно, забрана за изнајмување електрични тротинети воведоа и Париз, Мадрид и Прага, повикувајќи се на слични причини поврзани со јавната безбедност и урбаниот ред.

















