
Долгите редици на граничните премини кон Европската Унија повторно стануваат една од главните грижи со стартот на летната туристичка сезона, кога илјадници патници секојдневно се обидуваат да влезат на територијата на ЕУ. Иако проблемот со чекањето не е нов, европските институции годинава воведуваат нови дигитални решенија со надеж дека барем делумно ќе го олеснат процесот.
Една од најновите алатки е мобилната апликација „Патување во Европа“, развиена од Фронтекс, која веќе почна ограничено да се применува на одредени гранични премини од април годинава. Таа е наменета за патници кои не се државјани на ЕУ и овозможува однапред да ги внесат своите податоци за патување, вклучително информации од пасош и фотографија од лице, директно во Системот за влез и излез (EES).
Идејата е наместо сите проверки да се прават исклучиво на самата граница, дел од процесот да се префрли „онлајн“ и да се заврши уште пред пристигнувањето. Корисниците можат да ја пополнат апликацијата до 72 часа пред влез или излез од ЕУ, а покрај основните податоци, им се нуди и опција за пополнување прашалник поврзан со условите за влез.
Од Фронтекс објаснуваат дека ова не претставува замена за класичната гранична контрола, туку дополнителна алатка што треба да ја направи побрза и поефикасна. Земјите-членки, пак, самостојно одлучуваат дали и во кој обем ќе ја користат апликацијата во своите гранични процедури.
Посебна погодност се очекува за ранливите категории патници, како постари лица, лица со попреченост и семејства со деца, бидејќи однапред можат да ги внесат податоците без притисокот и брзината на граничниот премин.
Сепак, и покрај дигитализацијата, патниците не треба да очекуваат „зелено светло“ без физичка проверка. При пристигнување на границата останува задолжителната контрола од страна на граничните службеници, вклучително и скенирање на отпечатоци од прсти, што засега не може да се избегне.
Дополнително, апликацијата моментално се применува само во ограничен број земји, меѓу кои се наведуваат Португалија и Шведска, што значи дека системот сè уште не функционира униформно низ целата Унија.
Критичарите предупредуваат дека и покрај новата технологија, суштински промени на терен нема да се почувствуваат веднаш. Редиците на пасошка контрола, особено во шпицот на сезоната, најверојатно ќе останат реалност, со ризик од доцнења и пропуштени летови на аеродромите.
Дополнителен ограничувачки фактор е и тоа што системот не е наменет за сите категории патници: лицата со долгорочни визи или дозволи за престој не можат да ја користат оваа услуга.























