Фудбалската федерација на Македонија и нејзиниот претседател Масар Омерaгиќ упатија честитки до фудбалскиот клуб Шкендија за изборениот пласман во елиминациската фаза од УЕФА Лигата на конференции.
Од ФФМ оценуваат дека остварениот успех е резултат на професионален пристап, изразен тимски дух и јасна амбиција за докажување на меѓународната сцена. Воедно, пласманот на Шкендија се посочува како значаен придонес за промоција на македонскиот клупски фудбал во европските натпреварувања.
„Успехот на Шкендија е потврда за квалитетната работа на клубот и неговото претставување надвор од границите на државата“, се наведува во честитката од Фудбалската федерација.
ФФМ им посака на фудбалерите и на стручниот штаб на Шкендија успешни и квалитетни настапи во продолжението од европската кампања, со надеж дека клубот ќе продолжи достојно да ја претставува Македонија на меѓународната фудбалска сцена.



























