Утрово во Скопје почина оперската примадона Милка Ефтимова, која настапувала во повеќе од 20 земји во светот. Имаше 89 години. Веста за нејзината смрт за СДК.мк ја потврди нејзината ученичка, оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова, која истакна дека Ефтимова била нејзина професорка осум години и постојана поддршка во кариерата.
Родена во Радовиш во 1936 година, Ефтимова завршила средно музичко училиште во Штип и Музичка академија во Љубљана. Предавала на Факултетот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Дебитирала во 1961 година со улогата на Ацучена во „Трубадур“, а од сцената се простила во 1991 со улогата на Кармен, во својата 157. претстава.
Во кариерата отпеала 40 оперски улоги, многубројни ораторијални дела и соло песни, со над 1.200 настапи во дваесетина земји. Професорот Александар Трајковски ја нарече значајна уметница која трајно ја збогатила македонската музичка култура.
Последните години ги помина во дом за стари лица во Скопје. Погребот ќе се одржи на 16 август во Радовиш.