
По децении чекање, улицата „Максим Први Скопјанец“ во Ченто конечно добива нов лик. Она што за жителите со години беше запоставен, каллив пат, денес се претвора во асфалтирана реалност.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, при увидот на градежните работи нагласи дека станува збор за проект што со децении бил оставен на маргините, иако бил од суштинско значење за секојдневието на граѓаните. Според него, повеќе генерации израснале со истиот проблем, без конкретно решение, сè до денес.
Тој потсети дека пред изборите дал јасно ветување за изградба на улицата, барајќи доверба од жителите. Сега, како што истакнува, реализацијата на овој проект претставува потврда дека одговорноста не завршува со изборниот резултат, туку токму тогаш започнува вистинската работа на терен.
Асфалтирањето, вели Стефковски, не е само инфраструктурен зафат, туку симбол на враќање на достоинството и подобрување на условите за живот. Тој најави дека ова е само почеток на поширок инвестициски циклус во општината, со фокус на патната мрежа и видливи резултати за граѓаните.
Во наредниот период, најавите се дека секој дел од Гази Баба ќе биде опфатен со конкретни проекти, со цел да се создадат подобри услови за живот и развој што ќе се чувствуваат во секојдневието.























