
Утре вечер (29 јануари) ресторан „Везилка“ ќе биде домаќин на донаторската вечер „Threads of Light“, настан кој симболично го означува официјалниот почеток на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Настанот ќе го обедини светот на уметноста, културата и хуманоста, создавајќи простор каде личната емоција и јавната одговорност се среќаваат во име на една поголема цел.
Вечерта ќе претставува повод за истакнување на креативноста и солидарноста, но и платформа за разговор за животот, загубата и потребата од општествени промени. Уметниците и креативците од различни области – сликарство, скулптура, дизајн, мода и применета уметност – ќе изложат свои дела кои потоа ќе бидат понудени на хуманитарна аукција. Со тоа се создава своеобразна мапа на современата македонска креативна сцена, жива, разновидна и симболична.
Собраните средства од вечерта ќе бидат искористени за развојот на програмите на фондацијата, вклучително психосоцијална и правна поддршка за семејства погодени од сообраќајни трагедии, како и фонд за стипендии за млади талентирани уметници кои немаат можност да ја остварат својата креативност поради социјални или финансиски причини.
Еден од најсилните и најемоционални моменти на вечерта ќе биде премиерата на химната „Фросина“, создадена од Александар Митевски и отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е личен, достоинствен и емотивен спомен на трагично загубената Фросина, но и јавен повик дека музиката и уметноста можат да бидат форми на сеќавање, завет и поттик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана по личната трагедија на семејството, со цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија. Преку културни и едукативни проекти, кампањи за општествена одговорност и директна поддршка, фондацијата гради платформа за култура на грижа, правда и свесност, со визија да ја поттикне општествената солидарност.

























