Десетгодишно дете било каснато од глушец додека си играло на игралиште во скопската населба Капиштец, јави телевизија „Сител“. На детето му била раскрвавена раката, а во јавноста беше објавен и лекарски извештај за инцидентот.
Настанот се случува во време кога главниот град се соочува со сериозна криза во собирањето на ѓубрето. Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ е под истрага, а улиците и јавните површини се преполни со отпад, што создава идеални услови за глодари.
Во отсуство на редовно чистење, повеќе градоначалници од скопските општини започнаа сопствени акции за расчистување со изнајмена механизација, обидувајќи се барем делумно да ја санираат состојбата.
Инфектологот Никола Пановски предупредува дека Скопје се наоѓа пред вистинска биолошка катастрофа.
„Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство и интензивно се размножуваат. За еден месец, секој глушец може да донесе на свет десет младенчиња“, изјави Пановски.
Тој предупреди дека дури и по евентуално чистење на градот, ќе останат илјадници гравидни глодари кои ќе станат агресивни во потрага по храна.
„Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе ни влегуваат во подруми, гаражи, па дури и во домовите“, нагласи Пановски, повикувајќи ја Владата итно да прогласи вонредна состојба и веднаш да започне со чистење на градот.