УТРО.мк

Јавна дебата во Битола: Патот кон поквалитетни услуги од јавните претпријатија

Јавна дебата во Битола: Патот кон поквалитетни услуги од јавните претпријатија
Vero

Јавните претпријатија како клучен сервис на граѓаните беа во фокусот на панел-дискусијата „Како до подобри услуги за граѓаните“, организирана од Советот на Општина Битола и Општина Битола, со цел отворање транспарентен дијалог со јавноста за предизвиците и можностите за унапредување на услугите.

На дискусијата беше посочено дека јавните претпријатија изминатиот период се соочиле со сериозни кризи – од ковид пандемијата, преку енергетската криза, до процесот на нивна финансиска стабилизација. Сепак, беше нагласено дека токму преку отворени дебати и вклучување на јавноста може да се дојде до одржливи решенија.

На панелот учествуваа градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски, како и директорите на јавните претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“, „Комуналец“, „Паркинзи“ и „Пазари“. Градоначалникот Коњановски истакна дека транспарентноста и отвореното соочување со ризиците и предизвиците се неопходни за подобрување на услугите, потенцирајќи дека е потребно повеќе работа, а помалку популизам, како и носење одлуки заедно со граѓаните и експертите.

Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, нагласи дека ова е прва ваква дебата во која активно се вклучени и граѓаните како корисници на услугите, најавувајќи дека вакви јавни дискусии ќе продолжат со цел поголема информираност и подобар квалитет на јавните услуги, надвор од политичките преписки.

Директорите на јавните претпријатија зборуваа за состојбите што ги затекнале на крајот на 2021 година, за преземените мерки за рационализација, намалување на непродуктивните трошоци и бројот на вработени, но и за зголемените трошоци поради растот на минималната плата. Беше отворена и темата за потребата од корекција на цените на услугите, со цел финансиска рентабилност и можност за реализација на капитални проекти, особено ако се има предвид дека дел од цените не биле коригирани повеќе од 30 години.

Експертско мислење даде д-р Димитар Аневски, кој посочи дека растот на трошоците не е следен со соодветен раст на приходите, што на среден рок го ограничува развојот, а на долг рок може да го загрози квалитетот на услугите. Тој нагласи дека приоритет треба да биде системската оптимизација и зголемување на ефикасноста, пред воведување реални и пазарно оправдани цени, како и внимателен пристап кон субвенциите. Посебен акцент стави и на одговорното однесување кон животната средина и интеграцијата на принципите на циркуларната економија во работењето на јавните претпријатија.

На панел-дискусијата присуствуваа и поранешни директори, пратеници, советници, претставници на граѓански организации и медиумите, со што беше испратена порака дека подобрувањето на јавните услуги е заедничка обврска и процес во кој треба да бидат вклучени сите засегнати страни.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран