
Обединувањето на политичкиот блок Вреди влегува во клучна фаза, при што фокусот, барем официјално, се става на принципите и програмските определби, наместо на распределбата на лидерските позиции.
Од редовите на Алтернатива, партијата која е дел од процесот на обединување, се истакнува дека новата политичка структура не треба да се гради врз партиски калкулации, туку врз јасни правила и вредности кои ќе го дефинираат нејзиното делување.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, посочува дека за нив е поважно да се утврдат концептите и идеологијата на новата партија, отколку прашањето кој ќе ја предводи.
„За нас е важно да знаеме за што ќе се залагаме, кои вредности ќе ги застапуваме и каква програма ќе имаме. Прашањето за лидерството е второстепено“, изјави Гаши.
Во процесот на обединување учествуваат четири политички субјекти – Алтернатива, Беса, дел од Алијансата за Албанците и Демократското движење. Според Гаши, станува збор за организации со различни политички профили, поради што е неопходно новата партија да се темели на рамноправност и консензус.
Иако јавно се потенцираат принципите, зад сцената веќе се разгледуваат и конкретни модели за раководење. Во политичките кругови се споменуваат различни сценарија – од ротирачко лидерство до систем со копретседатели.
Неофицијално, се говори дека Билал Касами и Изет Меџити би можеле да ја предводат новата партија како копретседатели, со одредена распределба на влијанието меѓу партнерите. Сепак, овие информации не се официјално потврдени.
Во меѓувреме, процесот на обединување веќе се одвива и на терен. Беса ги распушти своите партиски органи, Демократското движење најавува сличен чекор, додека Алтернатива останува во фаза на мораториум.























