
Судскиот процес за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, продолжува денеска во судницата во „Идризово“ со нови сведочења предложени од Обвинителството.
Постапката се наоѓа во фаза на изведување докази, при што обвинителски тим составен од 15 јавни обвинители ги презентира своите сведоци. На претходното рочиште, одбраната на првообвинетиот, сопственикот на дискотеката Дејан Јованов-Деко, побара промена на мерката притвор во куќен притвор, повикувајќи се на влошена здравствена состојба.
Во текот на досегашните рочишта, пред судот сведочеа лица кои биле директно поврзани со настанот. Меѓу нив беше и Ана Захариева, која кобната вечер била гостин во дискотеката, како и Александар Јосифов, поранешен генерален секретар на Општина Кочани во периодот од 2017 до 2021 година, за време на мандатот на тогашниот градоначалник Николчо Илиев. Своја изјава даде и Драган Ананиев, вработен во општината.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, и се смета за една од најтешките несреќи во поновата историја на Македонија. Судскиот процес продолжува со цел целосно расветлување на околностите и утврдување одговорност за трагедијата што ја потресе јавноста.























