
Во затворената судница во Идризово денеска повторно ќе се слушаат сведоци и законски застапници на оштетените во случајот „Пулс“, каде на 16 март 2025 година животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени во пожар во дискотеката во Кочани. Процесот беше одложен минатиот пат поради професионални обврски на адвокатката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, Сузана Јошевска-Анастасовска, која меѓувреме стана член на Судскиот совет.
Сведочењата од претходното рочиште во декември ги разбудија најдлабоките емоции. Мајките и семејствата на загинатите, со солзи во очи и тешки воздишки, зборуваа за траумата што ја носат секојдневно. Обвинетите останаа молчаливи, со наведнати глави, додека болката и празнината во гласовите на сведоците одекнуваа низ судницата. „По 16 март, ништо не е исто“, звучеше како општа констатација на сите присутни.
Обвинителот Борче Јанев уште на самиот почеток на судењето истакна дека целта не е одмазда, туку утврдување на личната и институционалната одговорност. „Не е важно само кој го запалил огнот“, рече Јанев, „туку и кој имаше можност да го спречи. Оваа трагедија е резултат на долгогодишни системски пропусти и институционален молк.“ Според него, пиротехниката била само „искрата“ што ја открила опасноста што долго време се игнорирала.
Одбраната на обвинетите, пак, контраира дека нивните клиенти не можеле да спречат пожар, дека имале важеща документација и дека трагедијата е последица на институционални, а не индивидуални пропусти. Сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, преку својот адвокат изјави дека и по девет месеци притвор не може да поверува во ужасот што се случил, нагласувајќи дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, Михаил Јованов, е обвинет само поради семејната врска, според неговата одбрана.



























