Сообраќајниот прекршок го прави еден возач, а казната завршува во рацете на сосема друго лице. Ваква неправда во изминатиот период погодува дел од граѓаните, откако системот „Безбеден град“ започна да испраќа известувања со погрешни податоци. Наместо вистинските прекршители, санкциите ги добиваат луѓе кои немаат никаква врска со сторениот прекршок. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека проблемот произлегува од неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, што доведува до сериозни пропусти во автоматизираниот систем.
За надминување на ваквите ситуации, МВР отвори посебен шалтер на приземјето во Одделението за граѓански работи, во зградата на МРТ, каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат случаи во кои добиле казна што не им припаѓа.
„Од денес шалтерот за ‘Безбеден град’ е целосно во функција. Секој што добил известување со неточни податоци за сообраќаен прекршок може да поднесе барање за корекција на информациите“, соопштуваат од МВР.
Ezoic - wp_under_first_paragraph - under_first_paragraph
End Ezoic - wp_under_first_paragraph - under_first_paragraph
Истата постапка, како што појаснуваат од Министерството, може да се заврши и преку станиците за технички преглед на возила, на локациите каде што е присутен службеник на МВР. Граѓаните ќе имаат можност да ги ажурираат контакт-податоците оставени при регистрацијата на возилото, доколку тие се променети или доколку добиле погрешно известување.
„Граѓаните можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на своите возила, во случај на промена или при добиено известување со неточни информации“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.
Ezoic - wp_under_second_paragraph - under_second_paragraph
End Ezoic - wp_under_second_paragraph - under_second_paragraph
Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, а дополнително, граѓаните можат да пријавуваат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата [email protected].



























