
На Македонија ѝ е итно потребна правда и владеење на правото, истакна вицепремиерот Александар Николоски на собраниската седница за избор на нов државен јавен обвинител. Тој нагласи дека е потребно јасно процесуирање на случаи кои ќе придонесат за подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем.
Во име на Владата е предложен Ненад Савески, за кого Николоски истакна дека е професионалец, докажан во својата работа и без ниту една дамка во својата професионална кариера.
„За жал, обвинителско-правосудниот систем моментално не ужива доверба кај граѓаните. Многумина се сомневаат во правичноста на одлуките, а неправдата се чини почесто се случува отколку правдата. Дури и кога се постигнува правда, граѓаните често се прашуваат дали одлуката е правилна. Не случајно нема сериозни дебати или критики за овој систем, а рејтингот на двете институции е околу 2 %. Тоа ќе биде сериозна задача за новиот Јавен обвинител“, рече Николоски.























