
Лојане и понатаму останува една од најопасните еколошки точки во земјата, место каде токсичната историја не е затворена, туку само одложена.
Иако рудникот за хром, антимон и арсен е затворен уште во 1979 година, последиците никогаш не се санирани. Половина век подоцна, депониите со тешки метали сè уште стојат откриени, а почвата и водата околу селата во општина Липково остануваат загадени со арсен и антимон. Илјадници жители, меѓу кои и стотици ученици од основното училиште во Лојане, секојдневно живеат буквално на неколку десетици метри од ова „тивко труење“.
Последната деценија донесе повеќе најави отколку решенија. Концесијата доделена во 2014 година на турска компанија заврши без речиси никаков резултат, од предвидените 15.000 тони токсичен материјал, беа отстранети симболични 60 тони. Остатокот остана на лице место, а со тоа и ризикот за здравјето на локалното население.
По раскинувањето на договорот во 2022 година, државата повторно се обидува да го реактивира локалитетот преку нов концесиски модел. Од Министерството за енергетика уверуваат дека процесот ќе биде транспарентен и усогласен со европски стандарди, при што отпадот ќе се третира како „секундарна суровина“ во духот на циркуларната економија. Засега, сепак, не постои избран оператор ниту конкретен план за целосно чистење на теренот.
Но зад институционалниот оптимизам стои поинаква реалност: бројни анализи и студии со години алармираат за високи концентрации на арсен и антимон во водите, почвите и седиментите. Во некои случаи, измерените вредности далеку ги надминуваат дозволените граници за вода за пиење. Дел од истражувачите предупредуваат дека јаловината содржи исклучително високи нивоа на токсични материи, што ја прави локацијата една од најризичните во регионот.
Локални и еколошки организации ја опишуваат состојбата како хронична еколошка криза која се игнорира со децении. Според нив, наместо целосна санација, државата повторно се потпира на концесионери кои првенствено имаат интерес за експлоатација, а не за чистење на наследените отрови.
Критиките се насочени и кон новите законски измени во областа на рударството и концесиите, кои според активистите го олеснуваат влезот на компании во чувствителни подрачја, често на сметка на еколошките стандарди и јавниот интерес.
Во меѓувреме, слични процеси се најавуваат и на други локации богати со антимон, што дополнително ја отвора дебатата: дали Македонија конечно ќе ги затвори старите еколошки рани или повторно ќе отвора нови.
















