
Европската агенда на земјава повторно е во фокусот на дипломатските иницијативи од Брисел, откако во изминатите денови била обновена идејата за средба меѓу Македонија и Бугарија, со цел деблокада на евроинтегративниот процес. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во телевизиско гостување посочи дека Владата останува целосно отворена за дијалог, но предупреди дека без подготвеност и од другата страна, решение не е можно.
Муцунски нагласи дека паралелно со дипломатските напори, фокусот на земјава е ставен на внатрешните реформи, што, како што рече, веќе добива позитивни сигнали од Европската Унија. Акцискиот план за заштита на малцинствата, според него, бил поздравен од повеќе земји членки, што претставува охрабрување дека државата се движи во правилна насока. Сепак, клучниот проблем останува – недостигот од суштински дијалог со Софија за најчувствителните прашања.
Министерот откри дека уште во декември имало сериозни напори од страна на неколку влијателни земји од ЕУ и од европското раководство за организирање средба меѓу него и неговиот бугарски колега. Македонската Влада, како што рече, била подготвена и оставила на Брисел да го утврди терминот, но од Софија изостанала согласност. Истата иницијатива, според Муцунски, повторно е активирана деновиве.
„Ние сме подготвени во секој момент да седнеме на маса и да ги изложиме нашите аргументи – да зборуваме отворено за нашите грижи и за стравот дека и по евентуалните уставни измени, државата повторно може да се соочи со блокади поврзани со идентитетот, историјата и јазикот“, истакна Муцунски. Тој додаде дека посебно важно прашање е и неприменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.
Според него, примерите на соработка, како што е напредокот околу Коридорот 8, покажуваат дека двете земји можат да постигнат резултати кога постои волја. Но, за вистинско решение, како што нагласи, се потребни „двајца, добра верба и разговор во духот на европските вредности“. Македонската страна, вели тој, е подготвена за дијалог без разлика на исходот од изборите во Бугарија.
Муцунски посочи дека во разговорите со европските партнери постојано се бараат креативни начини за излез од ќор-сокакот, но дел од тие идеи засега не може да ги сподели јавно, бидејќи би биле однапред отфрлени. Она што е јасно, нагласи тој, се црвените линии на државата: запирање на националните отстапки кои навлегуваат во идентитетските обележја и обезбедување европски третман за македонските малцинства надвор од границите, особено во земјите членки на ЕУ.



























