
Премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека македонскиот народ заедно со Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци бил на вистинската страна на историјата во Втората светска војна.
Тој истакна дека борбата на тогашните генерации не била само против окупацијата, туку и за слобода, јазик, идентитет и иднина.
„Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека слободата е резултат на жртва и одговорност, а не подарок, додавајќи дека нема да дозволи релативизирање на историската вистина за антифашистичката борба.
„Нашите предци беа на вистинската страна на историјата. И јас, како човек со мандат, нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба“, изјави тој.
Во делот за европската перспектива, Мицкоски повтори дека интеграцијата во Европската Унија останува единствената стратешка цел на државата, но посочи дека патот бил исполнет со пречки и разочарувања.
„Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија“, рече тој, додавајќи дека нееднаквиот третман и неисполнетите принципи создаваат фрустрации кај граѓаните.
Тој нагласи дека Европа се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои војни, поделби и економска неизвесност, поради што е неопходен дијалог и изнаоѓање трајни решенија.
Мицкоски повтори и дека нема да прави компромис со идентитетот и достоинството на државата.
„Никогаш нема да правам пазар со идентитетот и со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки“, порача премиерот.
На настанот присуствуваа делегации од институции, политички партии и амбасади, кои положија цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.
















