УТРО.мк

Коридор 8 во финална фаза: Возови меѓу Македонија и Бугарија се очекуваат до 2030 година

Коридор 8 во финална фаза: Возови меѓу Македонија и Бугарија се очекуваат до 2030 година
Vero

Македонија и Бугарија влегуваат во завршните фази од проектот што со децении се споменуваше како стратешка цел, железничкото поврзување долж Коридор 8. Според последните информации од средбата во Софија, двете држави го забрзуваат темпото со јасна цел: до 2030 година возовите конечно да почнат да сообраќаат меѓу двете земји.

На состанокот меѓу бугарскиот министер за транспорт Корман Исмаилов и македонската амбасадорка Агнеза Руси Поповска беше потврдено дека проектот влегува во својата најинтензивна фаза. По ратификацијата на договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел од страна на парламентите во двете држави, следниот чекор е формирање Заеднички комитет. Телото, предводено од заменик-министрите за транспорт, ќе ја координира подготовката на проектот, неговата изградба и идното функционирање на тунелот.

Бугарската страна веќе презема конкретни чекори. Националната компанија за железничка инфраструктура распиша тендер за проектирање и изградба на нова траса од Ѓуешево до границата со Северна Македонија, во должина од 2,4 километри – последната алка што недостасува на бугарска територија од Коридор 8. Паралелно, започнува и модернизацијата на 17-километарската железничка делница меѓу Перник и Радомир, како дел од поширокото унапредување на линијата Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево.

Во меѓувреме, напредок има и на македонска страна. Делницата Куманово – Бељаковце веќе е во функција, додека изградбата на вториот сегмент, Бељаковце – Крива Паланка, долг 34 километри, се движи со забрзано темпо. Над 30 проценти од работите се завршени, а неодамна беше пробиен и последниот од вкупно 15-те тунели на оваа траса , значаен технички чекор за проектот.

Третиот и најкомплексен дел, од Крива Паланка до бугарската граница, се наоѓа во фаза на подготовка. Владата лани во септември ја активираше грант-поддршката од Европската инвестициска банка во износ од 3,7 милиони евра за изработка на нова проектна документација и подготовка на тендер за избор на изведувач. Овој сегмент, долг 23,4 километри, предвидува изградба на дури 22 тунели, меѓу нив и прекуграничниот, како и 52 мостови, што го прави еден од најинженерски сложените железнички проекти во регионот.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран