На денешен ден 16 ноември 1962.- Скопје, Охрид, Струга, Титов Велес, Ресен, Кичево, Битола, Новаци, Прилеп, Тетово, Крушево, Богомила и голем број села и населби во Западна Македонија, биле погодени од водената стихија, што била резултат на вонредно силни дождови.
Водите на Шарпланинскиот слив од Бистра и од другите планини што гравитираат кон Треска, запенавени и матни се струполувале во коритото на матната река Вардар. Во Скопје урнати 1.050 куќи, 157 згради под вода, 4.445 граѓани без покрив; во Петровечко поплавени близу 4.000 хектари плодна земја.
Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров. Во Охрид, биле урнати од поплавата 36 куќи, оштетени – 57, а во 56 куќи не можело да се влезе. Во голем број градови извршена била општа мобилизација на населението, на припадниците на ЈНА и Народната милиција, а биле ангажирани сите можни превозни средства. Од Неготино до Демир Капија, Вардар бил широк 400 метри во просек.
Кај Гевгелија езеро широко 8 километри. Во гевгелиско урнати 5 мостови. На 2 километри до Гевгелија, возовите „пловат“ 200 метри низ вода. Во тетовско, поплавени 3.000 хектари, и однесени 8 мостови.























