
ЈСП „Скопје“ соопшти дека поради најавените ниски температури и врнежи од снег во претстојните денови, може да дојде до привремени промени во функционирањето на јавниот превоз во градот.
Од градското претпријатие предупредуваат дека на одредени автобуски линии може да се применуваат скратени рути, односно возилата ќе сообраќаат само до оние делови од патеките кои службите ги оцениле како безбедни за сообраќање за време на снежните услови.
ЈСП наведува дека редукцијата на сообраќајот ќе биде привремена и зависна од развојот на временските услови. Во случај амбиенталните температури да останат многу ниски или ако патиштата станат непроодни, можат да следат дополнителни измени, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Автобусите засега ќе продолжат да сообраќаат според зимскиот ред на возење, што важи за периодот на зимскиот училиштен распуст, но со можни адаптации каде што тоа е неопходно.
Одговорните служби на ЈСП, заедно со механизацијата на Град Скопје и општините, се на терен со цел да ги одржуваат улиците проодни и да обезбедат што побезбедни услови за јавниот сообраќај.



























