
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска сподели лична порака за предизвиците со кои се соочувала на почетокот од својата кариера, истакнувајќи дека жените се подготвени и способни да водат и во најпредизвикувачките сектори.
Во својата објава, Божиновска потсети дека нејзиниот пат во енергетиката не бил секогаш лесен. Таа откри дека на почетокот од кариерата имало ситуации кога дел од колегите одбивале дури и да присуствуваат на состаноци водени од жена, поради што, како што вели, морала постојано да ја докажува својата компетентност.
„Понекогаш морав повторно и повторно да ја докажувам својата стручност. Но никогаш не дозволив сомнежот или предрасудите да го одредат мојот пат“, истакна Божиновска.
Подготовката и знаењето како одговор на стереотипите
Таа посочи дека со подготовка, знаење и напорна работа чекор по чекор покажувала дека професионалноста и резултатите се најсилниот одговор на стереотипите.
Според неа, денес жените докажуваат дека можат успешно да раководат и со сектори кои традиционално се сметаат за „машки“, како што е енергетиката.
Во таа насока, Божиновска ја цитираше и поранешната британска премиерка Маргарет Тачер:
„Ако сакате нешто да биде кажано, прашајте маж. Ако сакате нешто да биде направено, прашајте жена.”
Министерката нагласи дека бројни истражувања покажуваат дека организациите со поголема родова разновидност имаат подобри резултати, посилна иновација и поквалитетно донесување одлуки.
Таа изрази уверување дека во наредните години се повеќе жени ќе се појавуваат на лидерски позиции, како во владата, така и во клучните државни енергетски компании, меѓу кои: Електрани на Северна Макефонија (ЕСМ), МЕПСО и НОМАГАС.
Божиновска порача дека жените треба да продолжат меѓусебно да се поддржуваат и да си отвораат врати, но и да бидат пример за идните генерации студентки, професионалци и лидери.
„Мојата порака до младите жени е едноставна: верувајте во себе, инвестирајте во знаење и работете со интегритет и храброст. Вашиот квалитет секогаш ќе исплива на површина“, истакна таа.
Во својата порака министерката се осврна и на неодамнешниот трагичен случај во кој мајка и ќерка го загубија животот по претрпено насилство, нагласувајќи дека ваквите трагедии се болен потсетник дека општеството мора да направи повеќе за заштита на жените.
„Насилството врз жените не е приватна работа – тоа е сериозен општествен проблем кој бара одговорност и координирана акција од институциите и од општеството“, посочи Божиновска.
Таа истакна дека секоја жена заслужува да се чувствува безбедно, заштитено и слушнато, а институциите мора постојано да ги зајакнуваат механизмите за спречување на насилството и за поддршка на жртвите.
„Ниту една жена никогаш не треба да чувствува дека нема излез“, порача министерката.
На крајот од пораката, Божиновска им го честиташе Меѓународниот ден на жената на сите жени кои, како што рече, со својата работа, посветеност и храброст ги обликуваат заедниците, институциите и иднината на општеството.























