
Добра идеја и квалитетен производ се само почеток. За еден бизнис да расте надвор од домашниот пазар потребни се вистински контакти, знаење, капитал, партнери и разбирање на пазарите на кои сака да настапи. Токму тука започнува функцијата и придонесот на Бизнис Арена 2026, која на 14 октомври во DoubleTree by Hilton Skopje ќе ги поврзе македонските компании со домашно и меѓународно бизнис искуство и нови можности за развој.
Наместо конференција на која знаењето останува на сцената, Бизнис Арена е создадена со идеја разговорите да продолжат и надвор од неа. Токму оваа предност на Бизнис Арена е препознаена и од амбасадорот на Шведска во Македонија со најава на неговото учество и поддршка на настанот.
„Еден од главните приоритети на Амбасадата на Шведска во Скопје е да го поттикнува зголемувањето на инвестициите, трговијата и економскиот раст, како во Шведска, така и во Македонија. Клучен дел од оваа работа е создавањето врски, контакти и места за средба на инвеститори, претприемачи и етаблирани компании од двете земји, каде што ќе можат да разменуваат идеи, да градат партнерства и да започнуваат нови иницијативи. Градењето силни брендови, на национално, регионално и глобално ниво, е исклучително важен дел од овој процес и област во која Шведска низ годините постигнува значителни успеси“, вели Ола Солстром, амбасадор на Шведска во Северна Македонија.
Со студии на случај за развој на брендови, панел дискусии за вредности што носат резултати и како глобалните правила креираат локални влијанија, посебен ден за вмрежување и создавање реални контакти со гарантирани барем три потенцијални бизнис релации според сектор и дејност на работа, Бизнис Арена ќе ги спои искуствата, знаењата и ќе ги пренесе на учесниците.
Во центарот на програмата се прашања со кои денес се соочува секоја компанија што сака да оди чекор понатаму, oдносно како се гради бренд способен да конкурира надвор од домашниот пазар, каде се новите можности за извоз, како се стигнува до капитал и вистински партнери и што носат европските интеграции и новите технологии за македонскиот бизнис.
Токму идејата за премин од разговор кон конкретна можност се гледа и во Brand Export Competition – Македонија кон светот. Македонските брендови со амбиција за меѓународен раст на самата конкуренција ќе можат да се изборат за поддршка за поставување на својот производ или услуга на шведскиот пазар преку Go-to-Sweden Acceleration Package.
Апликациите за Brand Export Competition ќе бидат отворени од 1 до 30 септември, а деталите за програмата, говорниците и учеството на Бизнис Арена 2026 се достапни на официјалната веб-страница на конференцијата.

















