
Цената на лебот и белите пецива во штипските пекарници засега ќе остане непроменета, и покрај зголемувањето на цената на електричната енергија. Ова го потврди Николче Малинов, сопственик на една од пекарниците во Штип, кој вели дека во моментов нема услови што би наложиле корекција на ценовникот.
Според него, пекарите располагаат со доволни количини брашно, а засега нема најава за поскапување на оваа суровина или на другите енергенси.
„Струјата е минимално поскапена, но тоа нема да влијае врз крајната цена на производите. Ќе го покриеме преку други заштеди во работењето“, истакна Малинов.
Тој додава дека олеснување за пекарниците претставуваат и законските измени со кои им се дозволува на пензионерите да работат, што помага во надминување на недостигот од работна сила. Дел од работниците, како што посочи, се враќаат и од странство, особено од Хрватска.



























