УТРО.мк

Недим Рама: Интерконекторот со Грција ќе ја зајакне енергетската безбедност на земјата

Недим Рама: Интерконекторот со Грција ќе ја зајакне енергетската безбедност на земјата
Vero

Северна Македонија е на прагот на значајна трансформација на својот гасен систем, со изградба на нови интерконектори, модернизација на националната мрежа и поврзување со регионалните енергетски пазари. Во интервју за МИА, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, вели дека државата постепено излегува од моделот на зависност од една влезна точка за природен гас и се движи кон систем со повеќе правци и повеќе извори на снабдување.

Според Рама, изградбата на интерконекторот со Грција напредува, при што над 85 проценти од трасата е расчистена и подготвена за поставување на цевките. Производството на цевките е целосно завршено, а дел од нив веќе се заварени и поставени на терен. Иако во претходниот период имало одредено забавување на динамиката, активностите во моментов се интензивирани, а очекувањата се проектот да биде завршен во текот на следната година.

Тој потенцира дека новата интерконекција со Грција ќе овозможи пристап до повеќе извори на природен гас, вклучително и до LNG терминалите во Грција, со што ќе се зголеми сигурноста на снабдувањето и ќе се намали зависноста од единствен транспортен коридор.

Паралелно, во тек е тендерската постапка за изградба на интерконекторот со Србија. Евалуацијата на понудите се очекува да заврши во текот на јули, а доколку нема одложувања, избраниот изведувач би можел да биде воведен во работа веќе во август. Новиот двонасочен гасовод, долг околу 24 километри, ќе има капацитет од околу 1,4 милијарди кубни метри природен гас годишно.

Рама оценува дека интерконекторот со Србија, заедно со оној со Грција, ќе ја зајакне енергетската безбедност на земјата, ќе овозможи поголема конкуренција на пазарот и ќе создаде услови Северна Македонија во иднина да стане дел од регионалните транзитни текови на природен гас.

Дополнителен поттик за развојот на гасната инфраструктура е финансиската поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која обезбеди заем за реализација на интерконекторот со Грција и гасоводните делници Гостивар–Кичево и Свети Николе–Велес. Според Рама, овие проекти се проектираат како „hydrogen-ready“, што значи дека во иднина ќе можат да пренесуваат и водород, во согласност со европските стандарди и процесот на енергетска транзиција.

Во следниот период НОМАГАС ќе продолжи и со модернизација на постојниот преносен систем, реконструкција на блок-станиците, воведување современи мерни системи и имплементација на нов SCADA систем за управување со гасоводната мрежа. Планирана е и реализација на делниците Гостивар–Кичево, Свети Николе–Велес, Кичево–Охрид и Охрид–Битола, со што ќе се заокружи националната гасопреносна мрежа.

Рама открива и дека НОМАГАС работи на пуштање во употреба на гасоводот од Клечовце преку Неготино и Прилеп до Битола, како и на повторно активирање на проектот за гасно поврзување со Косово, кој би овозможил и транзит на природен гас кон соседната држава.

Според него, природниот гас ќе има важна улога како транзициско гориво во процесот на декарбонизација, додека новата инфраструктура ќе претставува основа за идна интеграција на нискојаглеродни гасови, вклучително и водород, во согласност со европските енергетски политики.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin