
Малопродажните цени во Македонија бележат минимален пораст од 0,43 проценти во анализираниот период, покажуваат најновите податоци од Министерството за економија и труд, изработени во соработка со Државниот пазарен инспекторат.
Анализата опфаќа 55 најпродавани прехранбени и непрехранбени производи, следени во четири трговски синџири со различно ценовно позиционирање, во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Резултатите укажуваат дека, и покрај растот на набавните цени од 1,01 процент, крајните продажни цени останале релативно стабилни.
Во исто време, просечната бруто-профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 проценти на 15,80 проценти, што според надлежните институции значи дека дел од ценовниот притисок е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните.
Кога станува збор за поединечните категории производи, кај основните прехранбени производи е регистриран благ пораст од 0,45 проценти, при што најголемо зголемување има кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото.
Од друга страна, кај безалкохолните пијалаци е евидентиран пад на цените од 1,01 процент, додека кај овошјето и зеленчукот има намалување од 0,86 проценти, и покрај порастот на цените кај доматите и кромидот.
Во делот на непрехранбените производи, односно кај основните хигиенски производи, е забележан пораст на цените од 1,42 проценти.
Министерството за економија оценува дека движењата на цените во анализираниот период се умерени и под контрола, а како главна причина се посочува намалувањето на трговските маржи.























