
И покрај повеќечасовните интензивни разговори во Брисел, Европската Унија и земјите-членки не успеаја да најдат заеднички јазик околу спроведувањето на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави. Средбата, која траела речиси шест часа, завршила без конкретен пробив, оставајќи ги отворени клучните прашања што веќе со месеци создаваат тензии меѓу двете страни на Атлантикот.
Според информации од европски дипломатски извори, еврокомесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, апелирал до преговарачите да покажат поголема флексибилност и да дојдат до решение што би ги стабилизирало економските односи со Вашингтон. Сепак, и покрај повиците за компромис, разговорите завршиле без договор.
Нови консултации се очекуваат во втората половина на мај, а според претставници на Советот на ЕУ, како можен датум се споменува 19 мај, иако засега нема официјална потврда.
Во меѓувреме, главниот преговарач на Европскиот парламент, Бернд Ланге, оценил дека преговорите сепак се движат во позитивна насока. Тој нагласил дека е постигнат напредок во напорите за финализирање на договорот кој треба да ги намали или укине царинските бариери за американски производи, но предупредил дека остануваат сериозни нерешени прашања.
Договорот меѓу Брисел и Вашингтон беше постигнат минатото лето во Шкотска, каде ЕУ прифати постепено укинување на царините за американски индустриски производи. За возврат, САД се согласија најголемиот дел од европскиот извоз да биде ограничен на царинска стапка од 15 проценти.
Но, тензиите повторно ескалираа откако американскиот претседател Доналд Трамп најави ново заострување на трговските мерки. Тој изјави дека Вашингтон веќе оваа недела ќе ги зголеми царините за европските автомобили и камиони на 25 проценти, обвинувајќи ја Европската Унија дека не ги исполнила обврските преземени со договорот постигнат во неговиот голф-комплекс во Тарнбери.
















