Од 1 јануари започнува пилот-фазата на проектот е-фактура, со кој се очекува да се намалат злоупотребите и фиктивните фактури, најави директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.
Петрова појасни дека системот е усогласен со меѓународни стандарди, лесен за интеграција во компаниите и обезбедува автоматска и безбедна размена на податоци. Пилот-тестирањето ќе се одвива во контролираната средина и ќе опфати ИТ компании и економски оператори со свои системи, а до крајот на првиот квартал ќе биде достапна и апликација за помалите компании.
Целта на реформата е подобрување на управувањето со јавните финансии, поголема даночна усогласеност, намалување на сивата економија и ефикасна даночна контрола. Е-фактурата ќе овозможи реално време на издавање и примање фактури, како и документирана деловна трага за сите настани, со што се минимизира ризикот од измами.
Петрова додаде дека приоритет се и брзината на системот, заштита на податоците и автентичноста на фактурите.
На конференцијата за дигитализација на АмЧам беше истакнато дека дигитализацијата ја зајакнува владеењето на правото, ја намалува корупцијата и бара партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор, како и инвестирање во дигитални вештини на граѓаните и компаниите.



























