
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапувајќи по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица од Скопје.
Постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „злосторничко здружување“и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, објави 4news.mk
Во рамките на предистражна постапка е утврдено дека постои сомневање дека лицата се организираат за одмазда на своите браќа кои во текот на минатата година беа обвинети и осудени за кривично дело „терористичка организација“. Според досега прибраните докази, осомничените дејствувале организирано и координирано, како група со заедничка идеолошка определба, заснована на радикални исламистички наративи. Постојат сомневања дека се преземале активности за собирање парични средства од земјава и од странство и дека се користени за пропаганда и активности на исламската држава, како и за набавка на оружје.
По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавниот обвинител од ОЈО ГОКК вчера беа извршени претреси на домови и други простории на повеќе локации во Скопје. При претресите се пронајдени и одземени парчиња огнено оружје, електронски уреди и други материјални докази.























