
Страшна семејна трагедија ја потресе италијанската Пјаченца, откако 55-годишна жена со македонско потекло идентификувана како Милена Витанова беше пронајдена мртва во стан на периферијата на градот, со повеќе убодни рани од нож.
Според италијанските медиуми, драмата започнала околу 15:30 часот, кога нејзиниот сопруг, исто така Македонец, идентификуван како Хако Витанов, телефонски признал дека ја убил својата сопруга, а потоа избегал од местото на злосторството.
На адресата веднаш пристигнале карабинери, пожарникари и екипи на Итната медицинска помош, но вратата од станот била заклучена. Пожарникарите морале да влезат преку балкон, каде што ги дочекала морничава глетка – безживотното тело на жената лежело во локва крв.
Според првичната истрага, на телото биле констатирани повеќе убодни рани нанесени со остар предмет, како и тешки повреди на главата. Во непосредна близина бил пронајден нож за кој се сомнева дека е оружјето со кое е извршено бруталното убиство.

Уште потресен е фактот што осомничениот бил пронајден неколку часа подоцна – на гробот на нивниот син Методиј, кој починал пред неколку години. Полицијата веднаш го привела, а истрагата продолжува за да се утврдат мотивите и точните околности што довеле до оваа крвава трагедија.
За среќа, децата на семејството во моментот на злосторството не биле во станот и се наоѓаат на безбедно место.
Овој трагичен случај предизвика огромен шок и тага кај македонската заедница во Италија, но и кај жителите на Пјаченца, кои се соочуваат со уште еден ужасен случај на семејно насилство што заврши со фатален исход.
















