
Во текот на проширената истрага за случајот во Старо Нагоричане, кој веќе се третира како прв регистриран случај на сериски убиец на жени во Македонија, обвинителството откри нови, тешки кривични дела поврзани со истиот осомничен.
На денешниот брифинг, обвинителот Љубомир Лапе соопшти дека истражните органи дошле до докази за уште четири дополнителни случаи – две убиства и два обиди за убиство, кои досега не биле поврзани со истиот сторител.
Според обвинителството, карактеристично за целиот случај е тоа што жртвите се исклучиво жени, а нападите, како што се наведува, биле насочени токму врз нивниот пол, што на истрагата ѝ дава елементи на фемицид.
Овој случај, пренесува МИА, се опишува како без преседан во домашната кривична практика, прв со индиции за сериски убиец со ваков вид на мотиви.
Осомничениот, според досегашните информации од полицијата и обвинителството, е 25-годишен маж со иницијали Т.Б., жител на селото Малотино во општина Старо Нагоричане.
















