УТРО.мк

Турската држава почна да го обликува кругот на кандидати и гласачи за следниот патријарх

Турската држава почна да го обликува кругот на кандидати и гласачи за следниот патријарх
Vero

Информациите за одобрени нови државјанства можат да го прошират изборот на Фанар. Но уште пред да се гласа, Анкара решава кој ќе исполни еден од клучните услови. Од османлиските изборни правила до денешното државјанство, начинот на кој државата влијае врз изборот се менувал, но не исчезнал.

Турското претседателство дало зелено светло за натурализација на 21 архијереј и свештенослужител на Вселенската (Цариградска) патријаршија, објави весникот The National Herald во извештајот на Теодор Калмукос. Според написот, 86-годишниот вселенски патријарх Вартоломеј на 27 јули 2026 година му предал на претседателот Реџеп Таип Ердоган список со имиња и функции на клирици во Патријаршијата за кои побарал да им се одобри турско државјанство. Весникот на 22 ноември објави дека турската служба за државјанство, околу две недели претходно, телефонски го известила Фанар дека претседателството ги одобрило имињата. Според истиот извештај, формалната постапка сè уште не била завршена, а заклучно со 24 ноември нема јавно достапен конечен акт со кој може да се потврди кој веќе добил државјанство.

Ова не е објавен список за избор на нов патријарх, туку постапка што може да го промени кругот на луѓе кои ќе имаат право да учествуваат како избирачи и како кандидати за патријарх кога ќе дојде до избор. Кога еден ден ќе се избира наследникот на патријархот Вартоломеј, архијереите ќе гласаат, но нема сами да ги одредат сите услови за учество во изборот. Еден од нив е турското државјанство. Со тоа, одлука донесена во Анкара може да влијае во две насоки: да го прошири кругот на архијереи што можат да бидат разгледани како кандидати и, одделно, да го прошири кругот од кој може да се состави изборното тело. Едното не произлегува автоматски од другото.

Што досега се знае за списокот

Објавениот список опфаќа 21 архијереј и свештенослужител во четири групи. Станува збор за имиња за кои медиумите известуваат дека било побарано државјанство:

Двајца архиепископи: архиепископот австралиски Макариј и архиепископот канадски Апостол.

Шестмина митрополити: митрополитите шпански и португалски Висарион, родоски Кирил, адријанополски Амфилохиј, проконески Јосиф, писидиски Јов и сардиски Евангел.

Тројца помошни епископи: епископите евдокијадски Амвросиј, дафнусиски Смарагд и андидски Исидор.

Десетмина свештенослужители при патријаршискиот двор, меѓу кои и архимандритот Аетиј, директор на приватната канцеларија на Вартоломеј, и архимандритот Боспориј, главен секретар на Синодот.

Значајно е да се знае дека турското државјанство е основен предуслов за некој од архијереите на Цариградската патријаршија да може да учествува во постапката за избор на наследник на Вартоломеј, па доколку турската држава сака, може да исклучи кого било од тој процес. Претходно, во грчките медиуми се појави и бројка од 25 митрополити. Но таа информација сè уште нема потврда и оттука не може да се смета дека турската држава веќе направила селекција кој е пожелен, а кој не да учествува во процедурата за избор на наследник на Вартоломеј.

Што се менува за гласачите

За да гласа, архијерејот треба да биде дел од црковното тело што ќе го спроведе изборот. Црковниот опис на постапката го посочува таканаречениот Ендимуса синод (Постојан или Присутен синод), составен од активни митрополити што престојуваат во Цариград. Архијереите од дијаспората кои добиле турско државјанство во претходните бранови по 2011 година веќе ротираат на шест месеци како членови на редовниот Свет и свештен синод во Истанбул, па новите натурализации го прошируваат басенот на архијереи кои можат формално да заседаваат и да гласаат во Истанбул. Во постапката се зема предвид и мислењето на архијереите на Патријаршијата што живеат надвор од Турција, но тоа не е исто што и право на глас за секој архијереј од дијаспората што има турско државјанство.

Пример за разликата е проконескиот митрополит Јосиф. Тој е наведен во медиумскиот извештај за државјанствата, но и во официјалниот состав на редовниот Свет синод за периодот септември 2026 – февруари 2027. Од првиот список не може да се заклучи каков е неговиот статус во постапката за натурализација; од вториот не може да се заклучи кој ќе гласа на иден патријаршиски избор. Ниту, пак, од евентуалното државјанство на некој од помошните епископи, архимандритите или ѓаконите може да се изведе дека Синодот добива уште еден глас.

Практичната последица е потесна, но важна: ако меѓу натурализираните има архијереи што ќе ги исполнат и црковните услови за учество, тие нема да бидат исклучени само поради државјанството. Колкумина навистина би влегле во изборното тело може да се знае дури кога ќе има избор и ќе се утврди неговиот состав.

Што се менува за кандидатите

Кај кандидатите, промената е во тоа што архијереј од дијаспората кој досега не го исполнувал условот за турско државјанство би можел да биде земен предвид. За архиепископите Макариј и Апостол, како и за другите архијереи на списокот, завршената натурализација би отстранила една пречка за кандидатура. Дали некој од нив ќе може да се кандидира зависи и од тоа како ќе се применат другите услови при конкретниот избор. За Макариј официјално е потврдено дека на 19 ноември 2026 година добил австралиско државјанство. Тоа е посебна постапка и не го исполнува турскиот услов.

Државјанството не е единствениот услов. Извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа ги поврзува ограничувањата со турските административни акти од 1923 и 1970 година и наведува дека тие барале и вршење црковна служба во Турција. Практиката на натурализација на архијереи од дијаспората, која Стејт департментот ја документира од 2011 година, го отстранува проблемот со државјанството за конкретни луѓе. Сама по себе не ги укинува другите услови, ниту кажува како тие ќе бидат применети при следниот избор.

Фанар со векови преговара со државата за тоа кој може да го предводи

Наследството на Османлиската Империја сè уште живее во модерните времиња и ова не е нов однос. Со векови, изборот на поглаварот во Цариград зависел и од волјата на државната власт: прво на султанот и Високата порта, а потоа, преку други правила, на властите на Турската Република. Додека во Османлиската Империја била неопходна директна потврда од страна на султанот за некој кандидат да стане патријарх на првата по достоинство патријаршија, денес условите создаваат индиректна можност за државно влијание и одлучување. Најдиректната паралела е во османлиските правила за избор од 1862 година. Свештените и световните претставници учествувале во изборната постапка, но списокот на подобните се доставувал до Високата порта, а царската власт го задржувала правото да го потврди избраниот. Еден век подоцна, американски дипломатски меморандум од 1972 година опишува сроден механизам: според турските насоки од 1970 година, списокот на можни кандидати се доставувал до истанбулскиот гувернер, кој можел да отстрани имиња пред Синодот да гласа. Тој документ покажува како се постапувало тогаш, не како Анкара ќе постапи при следниот избор.

Во Османлиската Империја врската одела и подалеку од самиот избор на поглавар. Со султанскиот берат, актот што го потврдувал стапувањето на должност, се определувале и фискални и правни права и обврски: османлиските документи што ги анализира историчарот Том Пападеметриу и бератите од XVIII век покажуваат дека за определени црковни приходи и давачки, со утврдени обврски кон царската благајна, црковната хиерархија дејствувала со поддршка на државниот апарат и локалните кадии. Истовремено, црковните тела решавале спорови за брак, развод и наследство без исклучива надлежност — како што покажуваат судските книги од Софија од XVII век — додека ферманот од 1856 година предвидувал верските поглавари по повик на големиот везир формално да учествуваат во расправите на Врховниот совет за правда, Меџлис-и Вала, за прашања од општ интерес, но без постојано место по функција во султанскиот Диван.

Што остана по Лозана

Како што наведува Венецијанската комисија, компромисот во Лозана во 1923 година бил Патријаршијата да остане во Истанбул како верска институција, без политичките и управните овластувања што ги имала во Османлиската Империја. Оттука, иако Цариградската патријаршија денес правно не е државна институција на Турција, по Лозана опстанало државното влијание врз условите под кои таа го избира својот поглавар.

Ако се потврдат натурализациите, тие можат да му дадат на Фанар поширок избор и поголем круг архијереи што би можеле да учествуваат. Но токму начинот на кој се отвора таа можност ја покажува трајноста на зависноста: црквата го избира патријархот, а државата и натаму влијае врз тоа кој воопшто може да влезе во изборот.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран