
Тензиите во Нови Сад ескалираа за време на одбележувањето на 200-годишнината од „Матица Српска“, настан што наместо свечена атмосфера донесе жестоки обвинувања за организирано насилство и политичка пресметка со студентите.
Академски пленум на Србија јавно ја посочи власта на претседателот Александар Вучиќ како директно одговорна за, како што велат, нападите врз млади луѓе кои се собрале на мирен протест пред Српски народен театар. Според нив, групи „маскирани радикали“, донесени организирано, интервенирале со физичко насилство, додека полицијата останала пасивен набљудувач.
„Ова е уште еден доказ дека режимот се брани со тупаници“, порачаа од Пленумот, обвинувајќи дека институциите наместо да ги заштитат студентите, станале соучесници во инцидентите. Тие тврдат дека дел од напаѓачите се лица со обемни полициски досиеја, познати по претходни напади врз студенти, меѓу кои и случај во кој студент на Академијата за уметности завршил со скршена вилица.
Во фокусот на нивните обвинувања се најде и Милош Вучевиќ, поранешен премиер и ексградоначалник на Нови Сад, кој сега е советник на Вучиќ. Пленумот тврди дека Вучевиќ се движи со засилено полициско обезбедување и лица поврзани со насилни инциденти. Токму тој се обрати на свеченоста, откако Вучиќ во последен момент го откажа присуството, наводно поради најавениот протест „во негова чест“.
Обвинувањата не застанаа тука. Од Пленумот велат дека нападот врз новинарот Жарко Богосављевиќ е резултат на, како што наведуваат, таргетирање од страна на Центар за социјална стабилност, кој претходно објавил список со имиња на новинари. „На Србија не ѝ е потребен уште еден случај како Ќуруви“, предупредија тие, алудирајќи на убиството на новинарот Славко Ќурувија.























