
Грција се движи кон една од најконтроверзните дигитални реформи досега: укинување или строго ограничување на анонимноста на социјалните мрежи, мерка што веќе отвора жестока дебата меѓу владата, експертите и активистите за дигитални права.
Иницијативата, која се подготвува подолг период, сега е на највисоко политичко ниво и се разгледува во круговите околу премиерот Киријакос Мицотакис. Намерата е јасна: да се „прочисти“ онлајн просторот и да се намали говорот на омраза, дезинформациите и организираните кампањи на злоупотреба што, според властите, сè повеќе го трујат јавниот дискурс во земјата.
Министерот за дигитална администрација Димитрис Папастергиу ја брани идејата со визија за „позрела дигитална демократија“. Во неговите изјави, тој повлекува историска паралела со античка Грција, каде граѓаните јавно и со име учествувале во политичкиот живот. Според него, токму таа традиција треба да биде инспирација за современиот интернет-простор, кој, како што вели, мора да стане поодговорен и транспарентен.
„Ако знаеш кој стои зад зборовите, тогаш дискусијата добива сосема друга тежина,“ порачува Папастергиу, нагласувајќи дека целта не е целосно бришење на псевдонимите, туку поврзување на секој профил со проверлив идентитет.
Владиниот аргумент се заснова на растечкиот број случаи на онлајн злоупотреби: од координирано вознемирување и политички манипулации, до ширење лажни вести и закани преку анонимни профили. Во одредени ситуации, тврдат властите, истите тие сметки биле користени и за засилување на пораки на политички актери или за организирани кампањи кои полицијата тешко ги следи.
Вицепремиерот Павлос Маринакис дополнително појаснува дека идејата не е забрана на различноста на мислење, туку воспоставување поголема одговорност: „Слободата на изразување останува, но мора да знаеме кој стои зад зборовите.“
Сепак, колку повеќе владата ја турка оваа реформа, толку посилни стануваат и критиките.
Експертите за дигитални права предупредуваат дека техничката изводливост е само еден дел од проблемот. Многу поголем предизвик, велат тие, е влијанието врз слободата на говор. Според нив, укинувањето на анонимноста може да создаде ефект на самоцензура — особено кај новинари, активисти, дојавувачи на неправилности и ранливи групи кои често се потпираат на заштитата на идентитетот за да зборуваат отворено.
Дополнително, се изразува страв дека ваквиот систем би можел да отвори простор за злоупотреби на лични податоци, политички притисоци или селективни истраги.
Критичарите истакнуваат и дека проблемот со токсичноста на интернет не може да се сведе само на анонимноста. Како пример наведуваат платформи каде корисниците се идентификуваат со вистински имиња, но сепак се присутни говор на омраза и дезинформации.
И покрај тоа, владата останува на ставот дека технолошките решенија за проверка на идентитетот се веќе достапни и дека одговорноста на платформите е клучна. Папастергиу дури сугерира дека големите социјални мрежи имаат интерес да го одржуваат статус квото поради нивните бизнис модели.
Во позадина на оваа дебата стои и политичкиот контекст, Грција влегува во период на засилена предизборна динамика пред изборите во 2027 година, при што јавниот простор, особено на интернет, веќе е силно активиран.























