УТРО.мк

(ФОТО + ВИДЕО) Првични детали за несреќата во Белград: Повредени возрасни и деца по ударот на трамвај во зграда

(ФОТО + ВИДЕО) Првични детали за несреќата во Белград: Повредени возрасни и деца по ударот на трамвај во зграда
Vero

Тешка сообраќајна несреќа се случи утрово во Белград, откако трамвај на линијата број 5 излета од шините на аголот меѓу улиците „Цар Душан“ и „Книќанинова“ на Дорќол и удри директно во зграда.

Според најновите информации, во несреќата се повредени вкупно 15 лица, кои биле пренесени во здравствени установи за укажување медицинска помош.

Од Клиничкиот центар на Србија соопштија дека во Ургентниот центар биле примени 13 повредени лица, додека две деца со возила на Брза помош биле префрлени во детската болница во Тиршова улица.

„Патниците се во стабилна состојба и во тек е дополнителна дијагностика“, информираа од Клиничкиот центар.

Според докторката од Брзата помош Ивана Стефановиќ, меѓу повредените има 11 возрасни лица и две деца на возраст од две и 16 години.

„Две возрасни лица се со потешки повреди – 20-годишен маж и 60-годишен маж. Повредените се префрлени во Ургентниот центар, а децата во Тиршова“, изјавила Стефановиќ.

Несреќата се случила околу 9:30 часот, а на местото веднаш биле испратени пет екипи на Брзата помош.

Снимките од местото на несреќата покажуваат целосно уништена кабина на трамвајот, додека дел од седиштата биле откорнати од силниот удар.

По инцидентот реагираше и Првото основно јавно обвинителство во Белград, кое нареди итен технички преглед на трамвајот.

Дежурен обвинител присуствувал на увидот и наредил да бидат изземени снимките од безбедносните камери, да се земат изјави од учесниците и сведоците, како и да се соберат сите дополнителни докази со цел утврдување на точните околности под кои се случила несреќата.

Од ГСП Белград соопштија дека првичните информации укажуваат дека една од можните причини може да биде човечки фактор.

Според нив, се проверува дали брзината на движење на трамвајот била несоодветна при поминување низ свртница, како и техничката исправност и положбата на самата свртница.

Истрагата за причините за тешката несреќа е во тек.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран