УТРО.мк

Античкиот монумент на Александар Македонски кај Амфиполис ќе биде достапен за јавноста на почетокот на 2028

Античкиот монумент на Александар Македонски кај Амфиполис ќе биде достапен за јавноста на почетокот на 2028
Vero

Монументалната античка гробница во ридот Каста кај Амфиполис во северна Грција ќе биде отворена за јавноста на почетокот на 2028 година, соопшти грчкото Министерство за култура.

На локалитетот сè уште се вршат конзерваторски и реставраторски работи, како и изградба на придружни објекти за посетители и мал музеј. Грчката министерка за култура Лина Мендони изјави дека целта е споменикот целосно и безбедно да биде подготвен за посетители до почетокот на 2028 година.

Гробницата беше откриена во 2014 година и веднаш предизвика огромен интерес поради нејзината големина и раскошната декорација. Сепак, археолозите утврдија дека таа била ограбена уште во античко време и во неа не биле пронајдени вредни предмети.

Истражувањата покажале дека гробницата потекнува од крајот на IV век пред нашата ера. Во неа биле пронајдени остатоци од пет лица – жена постара од 60 години, двајца мажи на возраст меѓу 35 и 40 години, новороденче и едно кремирано лице.

Според дел од археолозите, постои можност монументот првично да бил наменет за Хефестион, најблискиот пријател и генерал на Александар Македонски.

Ридот Каста важи за најголемата погребна могила во Македонија, поголема и од онаа во Вергина, каде што се смета дека бил погребан кралот Филип Втори, таткото на Александар Македонски.

Проектот за реставрација вреди повеќе од 15 милиони евра, а најголем дел од средствата се обезбедени преку фондови на Европската Унија. По отворањето, гробницата ќе може да прима само осум посетители истовремено, а разгледувањето ќе трае од 15 до 20 минути.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран