Хакерските напади повторно се активни, а овој пат се насочени кон новите функции на Google Gemini системот.
Корисниците на Gmail се изложени на опасност од злоупотреба на новата функционалност што ја нуди Google преку својот AI систем – Gemini. И покрај високото ниво на заштита, вклучувајќи двофакторска автентикација и вештачка интелигенција, експертите предупредуваат на сериозна ранливост поврзана со новите можности во Gmail.
Google неодамна воведе паметни функции во Gmail кои, преку Gemini AI, им овозможуваат на корисниците брзо да добиваат резимеа на електронските пораки, предлози за одговори и автоматско додавање задачи во календарот. Меѓутоа, уште пред масовната употреба на овие функции, хакерите пронашле начин да ја злоупотребат оваа новина.
Истражувачката мрежа 0din, дел од Mozilla, откри безбедносна дупка во Gemini системот. Хакерите вметнуваат штетен код во електронските пораки, кој е скриен како бел текст и не е видлив за корисникот. Кога корисникот ќе ја активира AI функцијата за резиме, Gemini не само што ја генерира содржината, туку и активира штетниот код кој создава лажно предупредување – наводно од Google – дека се крадат податоци.
Експертите предупредуваат дека ваквите предупредувања не треба да се земаат здраво за готово, бидејќи Google не ги испраќа овие пораки како официјални безбедносни известувања. Доколку корисникот забележи вакво предупредување во AI резимето, треба веднаш да ја избрише сомнителната порака.
Исто така, се препорачува компаниите и институциите да ги засилат безбедносните мерки и да ги едуцираат своите вработени за потенцијалните ризици.
Додека вештачката интелигенција не достигне човечки ниво на разбирање на контекстот, корисниците мора да бидат внимателни и критички да ги проверуваат сите информации што ги добиваат преку AI алатките.