Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Киев ѝ предложил на Москва нова рунда мировни преговори за следната недела, во обид да се деблокира процесот што заглави на почетокот на јуни.
Досегашните две средби во Истанбул не донесоа напредок кон прекин на огнот, туку резултираа со размена на заробеници и договори за враќање на телата на загинатите војници. Сепак, Зеленски верува дека е време за нов обид.
„Секретарот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, предложи нова средба со руската страна следната недела“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, потенцирајќи ја својата подготвеност за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин. Според него, само лидерска средба може да доведе до „вистински и траен мир“.
Умеров, кој неодамна беше назначен за шеф на Советот за национална безбедност и одбрана, доби задача да внесе нова динамика во застојаните мировни иницијативи.
Во меѓувреме, офанзивата на руските сили продолжува долж источниот фронт во регионот Доњецк. И покрај изјавите на Москва дека е подготвена за нови разговори, нејзините барања – вклучително отстапување нови територии од страна на Украина и прекин на западната воена помош – остануваат неприфатливи за Киев.
Кремљ неодамна изјави дека е подготвен да продолжи со разговорите, откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде на Русија рок од 50 дена за постигнување мировен договор, заканувајќи се со нови санкции. Истовремено, Трамп најави дополнителна воена поддршка за Украина, која ќе биде координирана преку НАТО сојузниците.