Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да ја одобри продажбата на борбени авиони F-35 на Саудиска Арабија, само еден ден пред посетата на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман на Вашингтон.
„Ќе го направиме тоа. Ќе ги продадеме F-35“, изјави Трамп во Овалната соба, пренесува Ројтерс. Како што наведува агенцијата, ваквата одлука би претставувала значајна промена во американската политика, со потенцијал да ја измени воената рамнотежа на Блискиот Исток и да ја стави на тест долгорочната стратегија на Вашингтон за одржување на израелската квалитативна воена предност. Одлуката доаѓа во период кога Белата куќа паралелно се соочува со глобални дебати околу користењето на замрзнатиот руски имот, што дополнително ја усложнува геополитичката атмосфера.
Саудиска Арабија официјално побара да купи 48 борбени авиони F-35, зделка вредна повеќе милијарди долари. Неименуван висок функционер на Белата куќа за Ројтерс изјави дека „претседателот сака лично да разговара со престолонаследникот за авионите“, по што ќе следи конечната одлука.
Израел повторно се спротивставува
Израелската армија поднесе официјален документ до политичкиот врв, во кој Воздухопловните сили се спротивставуваат на можната продажба на F-35 на Саудиска Арабија. Документот, објавен од „Ynet News“ и потврден од воените власти, предупредува дека израелската воздушна надмоќ може да биде нарушена доколку други држави од регионот добијат пристап до најсовремените стелт-авиони.
Израел и во минатото се спротивставувал на вакви продажби, вклучително и кон Турција и Обединетите Арапски Емирати, со цел да ја задржи својата стратешка предност.
Во моментов, Израел располага со 45 авиони F-35, а дополнителни 30 се веќе нарачани, што ja прави единствената земја на Блискиот Исток која ги поседува овие најнапредни летала.



























