Трамп ќе се сретне со Путин само ако Русија прифати разговор и со Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се согласи на средба со рускиот претседател Владимир Путин само под услов Москва да прифати разговор и со украинскиот лидер Володимир Зеленски, објави Њујорк пост, повикувајќи се на висок функционер од Белата куќа.
„Путин мора да се согласи на средба со Зеленски за да може да дојде до состанок со Трамп“, изјавил неименуваниот претставник од администрацијата, додавајќи дека конкретната локација за можната средба сè уште не е утврдена.
Од своја страна, Кремљ денеска потврди дека средбата меѓу Трамп и Путин ќе се одржи „во наредните денови“, а како можна дестинација рускиот претседател ги посочи Обединетите Арапски Емирати.
Сепак, кога станува збор за евентуален состанок со Зеленски, Путин ги намали очекувањата.
„Во принцип, немам ништо против, можно е. Но, мора да се создадат соодветни услови. За жал, од тоа сè уште сме далеку“, изјави тој пред новинарите во Кремљ.