
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел би можел да остане без поддршка доколку дојде до натамошна ескалација на конфликтот со Иран.
Според информациите што ги објавија израелските медиуми, Трамп во телефонски разговор со Канал 12 изјавил дека Вашингтон бил информиран за израелските напади врз Иран дури во последен момент и дека успеал да влијае тие да бидат ограничени по обем.
Американскиот претседател посочил дека за време на разговор со Нетанјаху побарал Израел да не возвраќа на новите ирански напади со балистички ракети. Канал 12 објави дека разговорот завршил без конкретен договор, но помошници на Трамп кои присуствувале на повикот оцениле дека американскиот лидер успеал да обезбеди дополнително време пред евентуална израелска одмазда, со цел да се зачуваат шансите за продолжување на американско-иранските преговори.
Сепак, по разговорот со Трамп, Нетанјаху одржал консултации со највисоките безбедносни претставници во Израел. Потоа, како што наведува Канал 12, го информирал американскиот државен секретар Марко Рубио дека донел одлука за изведување напади врз Иран.
Трамп открил и дека пет земји од регионот, вклучени во посредничките напори меѓу САД и Иран, побарале од него да изврши притисок врз израелскиот премиер за да се прекинат нападите и да се продолжи дипломатскиот процес.
Според американскиот претседател, ирански претставници утрово стапиле во контакт со Вашингтон, порачувајќи дека нема да преземаат дополнителни напади врз Израел и побарале Тел Авив да ги запре одмаздничките акции. По ова, Трамп повторно разговарал со Нетанјаху и го убедил да се согласи на прекин на понатамошните напади.

















