Смртоносен инцидент го потресе Лонг Ајленд, САД, откако 61-годишниот Кит МекАлистер починал откако влегол во просторија со апарат за магнетна резонанца (MRI) носејќи метален ланец околу вратот. Несреќата се случила во установата Nassau Open MRI во средата напладне, а мажот починал наредниот ден.
Сопругата на починатиот, Адриен Џонс-МекАлистер, изјавила за News 12 Long Island дека во моментот била на преглед на колено и го повикала својот сопруг да ѝ помогне да слезе од лежалката. Тогаш, силното магнетно поле на MRI апаратот го привлекло металниот ланец и насилно го повлекло Кит кон апаратот.
„Апаратот го сврте, го повлече и го удри во машината. Викав: ‘Исклучете го апаратот! Повикајте брза помош! Направете нешто! Исклучете ја таа проклета работа!’ Ми почина во прегратки. Ми мавна за збогум, а потоа целото тело му се струполи“, раскажала низ солзи неговата сопруга.
МекАлистер добил повеќе срцеви удари откако бил извлечен од машината. Иако веднаш била повикана итна помош, тој починал следниот ден во болница.
Ова не е прв ваков случај. Во 2001 година, шестгодишното момче Мајкл Коломбини почина во медицински центар во Њујорк кога боца со кислород била вшмукана од MRI апаратот и го удрила во глава. Во 2010 година, неговото семејство доби отштета од 2,9 милиони долари.
MRI уредите користат исклучително силно магнетно поле кое може да привлече метални предмети со огромна сила – доволно за да префрли инвалидска количка преку соба, предупредуваат од Националниот институт за биомедицинско снимање и биоинженеринг.
Полицијата ја истражува несреќата, вклучително и можниот пропуст на персоналот кој не го предупредил мажот на опасностите од метални предмети во MRI просторијата.